Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Марјан Лазовски на прес-конференцијата по синоќешниот натпревар со Порторико, како главна причина за поразот ја наведе агресивната игра во одбраната на домашните кошаркари и несоодветен одговор од неговите избраници во првото полувреме.
„Бевме изненадени од агресивната игра на противникот на почетокот од средбата, кога Порторико дојде до висока позитива. Проблем ни направи малата повреда на Предраг Самарџиски, кој доби расекотина на брадата и извесен период мораше да мине надвор од теренот. Во второто полувреме успеавме да се вратиме во нашиот ритам и начин на игра, што ми дава право да се надевам дека на втората пријателска пресметка ќе се покажеме во далеку подобро светло“, истакна Лазовски.
Македонија загуби од Порторико со 96:77, а утревечер во Сан Хуан, овие две репрезентации ќе одиграат уште еден пријателски дуел.