Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Гевгелија, инаку носител на оваа функција и во изминатите четири години, ја употребува општинската Интернет-страница за своја изборна промоција, и тоа во деновите на политичка предизборна кампања во која се вклучени сите носителите на изборни активности во Република Македонија.
Така, во периодот на предизборните активности тој поставува огради на мостови од 15 метри должина и тоа се постира на општинската Интернет-страница, иако тоа не е никаде планирано во годишната програма за работа на Општината.
Исто така, градежни машини беа упатени деновиве да работат на потегот кај Прдејци, наводно за изградба на нова канализациска мрежа со систем за преттретманско третирање на отпадните води, а најавени се и работи за изградба на канализациска мрежа за населеното место Мрзенци.
„Ако органите на локалната самоуправа – Советите – престанаа со работа по прогласувањето на предизборните активности секаде во Македонија, како е можно само градоначалникот во Гевгелија да работи, и тоа очигледно само за себе, со измислени проекти на брза рака, само за своја промоција и реклама“, обвинуваат противкандидатите на Франгов.
Без распишување на тендерска постапка за изградба на градскиот плоштад, сегашниот градоначалник, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за истата функција, однапред вели дека започнал со поставување на конструкции за детски парк, кој ќе бидат дел од новиот градски плоштад.
„Па, не се почнуват работите од покривот, туку од темелите“, обвинуваат од опозицијата. На ваков начин кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ само покажува како ги третира локалните ресурси – како своја подлога за партиска пропаганда, што е спротивно на Изборниот законик на Република Македонија, надвор од законските овластувања според Законот за локална самоуправа и надвор од кодексот за однесување на Градоначалниците, чиј потписник е и Општина Гевгелија.
А. Д.