Македонски компании преработувачи на овошје и зеленчук од денеска во Стокхолм, Шведска, ќе ги презентираат извозните потенцијали на Македонија. Престојот е во организација на Амбасадата на Република Македонија во Стокхолм и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
Презентацијата ќе се одржи пред претставници на најголемите маркети, увозници и дистрибутери на храна на шведскиот пазар. На промоцијата се поканети најголемите маркетинг агенции, ТВ водители на специјализирани емисии за храна и списанија за прехранбени производи. Македонските компании предводени од амбасадорот Кире Илиоски ќе имаат можност да се промовираат во седиштето на ICA Group, лидер во малопродажбата на прехранбени производи во скандинавските земји и во дистрибутивните центри на COOP и SEVAN.
– Посетата на македонските компании Ларс, Випро, Вори, Универзал промет и Бонум и нашиот заеднички настап во Кралството Шведска ќе придонесе за успешно промовирање на македонската прехранбена индустрија и зголемување на пласманот на македонски производи на шведскиот пазар. Наша заедничка цел и значаен предизвик е се поголемо присуство на македонските прехранбени производи на полиците во водечките шведски маркети кои се дел од групациите ICA Group, COOP и Axfood, рече амбасадорот Илиоски.
Тој верува дека преку оваа промоција македонските производи со својот квалитет и современа амбалажа ќе предизвикаат се поголем интерес меѓу шведските потрошувачи и ќе бидат се повеќе присутни на шведската трпеза.