Груевски: Ветуваме дела што можеме да ги исполниме, не сакаме да се истрчаме

Од:

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ вечерва на митинг во Радовиш го промовираше кандидатот за градоначалник на тој град, Сашко Николов и носителот на советничката листа на коалицијата, Здравко Трајанов.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во обраќањето пред присутните истакна дека програмата на партијата за општина Радовиш била работена шест месеци наспроти онаа на СДСМ, која, како што рече, е сработена само за шест дена. Тој пред Радовишани се осврна на сработените проекти од страна на актуелниот градоначалник Роберт Велков и му се заблагодари за остварените дела.

– Овој пат шансата му ја даваме на Сашко Николов. Тој не е нов во оваа работа, има искуство како член на Советот во два мандати, значи учествувал во реализирањето на проектите и има знаење и континуитет. Со полна пареа да продолжиме онаму каде што застана Роберт Велков. Николов доаѓа од образованието значи имаме човек кој добро ги знае работите и проблемите на општината и во образованието, а и со неговата енергија ќе направи многу во наредниот период за Радовиш, посочи Груевски.

Потенцира дека дека во текот на изминатиот период реализиран е и асфалтиран магистралниот пат Радовиш-Струмица, инвестиција која чини осум милиони евра. За земјоделците, рече Груевски, годинава Владата издвои 130 милиони евра, за наредната година планирани се 140 милиони евра, а за 2015 година нови 150 милиони евра, субвенции кои што директно одат кај радовишките земјоделци за модернизација и планирање за производство на земјоделските производи.

Тој истакна дека Радовиш има Електро-технички факултет, а од оваа година и дипсерзирани студии на Економскиот и Филошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“.

Груевски на Радовишани им вети нови дела кои што ќе се исполнат со поддршка на Владата и на општината, а тоа се нова Технолошко индустриска развојна зона, чија изградба ќе почне кон крајот на годината, со што во Радовиш ќе се создадат услови за отворање нови работни места и привлекување инвеститори.

– Ние ветуваме дела кои можеме да ги исполниме, не сакаме да се истрчаме пред вас, бидејќи ние сме партија која сака граѓаните да ги гледа во очи. Ние не гледаме од денес за утре, ние планираме да живееме во нашите градови и да сме посветени на граѓаните. Ние така ја разбираме филозофијата на политиката, рече Груевски.

Кандидатот за градоначалник на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ, Сашко Николов на вечерашниот митинг ја презентираше програмата, која, како што рече, е сработена со граѓаните од сите населени места во општината, а проектите се со точни рокови за реализација.

– ВМРО-ДПМНЕ е партија која го исполнува ветеното. Во нашата програма планирана е индустриската зона, гасификација на Радовиш, затворен пазар во населбата Кукливица, изградба на пречистителна станица за Радовиш, изградба на две помали пречистителни станици во нашите села, изградба на Музеј, како и итна изградба на мостот за село Злеово. Ќе се залагам и за отварање на откупни пунктови за земјоделските производи и поддршка на спортските клуобови, рече Николов.

Носителот на советничката листа на коалицијата „ За Подобра Македонија“, Здравко Трајанов побара подршка од радовишани за мнозинство во Советот на општина Радовиш, бидејќи без мнозински совет идниот градоначалник не може да ги реализира ветените проекти.

На вечерашниот митинг во Радовиш говореа претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов и претседателот на Демократската партија на Турците, Кенан Хасипи.

Би можело да ве интересира

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

Анкети: Екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија победи на изборите

ВИДЕО: Го натераа Џо Бајден да стави капа „Трамп 2024“

Единствена Русија прогласи победа на регионалните избори