Кандидатот за градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски и кандидатите за советници во советот на Град Скопје, Ирена Мишева и Борис Аговски денеска го посетија Спортско рекреативниот центар „Матка“.
За време на посетата Трајановски имаше средба со претставници на здружението на рекреативни риболовци „Рибар 2011“ и Македонската рибиловна федерација. За време на средбата, на градоначалникот Трајановски му доделија Плакета за посебни заслуги за континуирано порибување на водите во Градот Скопје.
Трајановски наброја дел од работите кои се направени во Спортско рекреативниот центар „Матка”, како што се порибувањето на езерото Матка со ендемична пастрмка, целосното обновување на пешачката патека во кањонот Матка, од црквата „Свети Андреа“ до месноста Висок рид, во должина од 4.000 метри и поставување на урбана опрема, континуираната поддршка за спелеонуркачка експедиција за истражување на пештерата Врело, која предводена од италијанецот Луиџи Касати успеа да стигне до длабочина од 212 метри што претставува втор рекорд по длабочина во Европа, а прв на Балканот, како и реализирањето на проектот за „Заштита на пештерата Крштална во Заштитеното подрачје – Споменик на природата кањон Матка“, живеалиште на глобално загрозениот вид долгокрилест лилјак.
За време на посетата на Спортско рекреативниот центар „Матка“ Трајановски наведе и дел од проектите кои ќе се реализираат во наредните четири години.
– Во наредниот период ќе продолжиме со порибувањето на езерото Матка, како и на езерото Треска и реката Вардар во соработка со риболовните друштва и ГЕФ (Глобален еколошки фонд), изјави Трајановски и додаде дека дополнително ќе се осветли патеката од пештерата Врело до пештерата Крштална.