Полициската регулатива за заштита на лични податоци да се имплементира во македонското законодавство

Од:

Работна група формирана при Министерството за правда во соработка со МВР во следниот период треба да работи на транспонирање на Полициската регулатива за заштита на лични податоци на ЕУ од 2016 година во македонското законодавство. Допрва треба да се одлучи дали тоа ќе биде направено со ново законско решение, или ќе биде вметнато поглавје или во одредби во новиот нацрт-закон за заштита на лични податоци што е усогласен со Општата регулатива за заштита на лични податоци која стапи во сила во мај годинава и кој се очекува наскоро да биде во собраниска процедура.

Експерите сметаат дека најидеално би било кога новиот закон и актот во кој ќе биде транспонирана Полициската регулатива за заштита на лични податоци на ЕУ би биле донесени едновремено. Северна Македонија доцни со усогласување со оваа Полициска регулатива, смета проф. Трпе Стојановски од Факултетот за безбедност, кој на денешниот настан организиран од Метоморфозис, образложи што опфаќа таа.

Според професорот Стојановски, заштитата на личните податоци кога се однесува на полицијата и другите безбедносни структури, е прашање кое не е докрај регулирано. Во однос на обработката на личните податоци и нивната заштита во овие структури, мора да се запазат процедурите и да се почитуваат правата на граѓаните, но регулативата предвидува и исклучоци кога станува збор за прашања поврзани со националната и јавната безбедност, но и со други дела. Исто така, за да може сите лични податоци на одредени граѓани да бидат обработувани од полициските и други безбедносни служби мора да постои законски основ и тоа да биде крајно средство за решавање на одредени случаи. Граѓаните или оние кои се сомневаат дека се обработуваат нивни податоци ќе може да достават барање за проверка до службите. Властите, според него, мора да обезбедат квалитетна контроила за да не се дозволи злоупотреба на личните податоци.

Професорот Стојановски предупредува дека процесот на усогласување со полициската регулатива мора да биде транспарентен и во него да се вклучат сите засеганти страбни бидејќи, како што нагласи, ова е важно прашање за да се остави на стихијата.

Според Јан Елерман, која работи на заштита на личните податоци во Европол, од особено значење во целиот процес на заштита на личните податоци е офицерот за заштита на личните податоци, што би требало да го има во безбедносните структури. Пренесувајќи искуства од работата на офицерите за заштита на личните податоци, Елерман рече дека во одредени ситуации офицерот за заштита на личните податоци мора да ги предупредува своите колеги кои ги водат истрагите што е дозволено според европските закони, а што не, и што може да се преземе за да се постигне одредена цел во некоја истрага а притоа да не се наруши приватноста на некое лице. Заштитата на личните податоци е основно право на човекот, вели тој, а тоа во полицијата е поврзано со спроведување на законот.

Според европската регулатива, доколку некое лице се посомнева дека е под истрага и се обработуваат негови податоци во Европол, може да достави барање до нив да му биде одговорено дали се користат неговите лични податоци. Тамошните службеници оценуваат како ќе се одговори на барањето. Доколку истрага за лицето води некоја од земјите членки на ЕУ, тогаш се прашува локалната полиција дали може да дадат информација или не. Ако одговорот е негативен поради специфични истраги или дела, тогаш Европол дава негативен одговор, но лицето има право на жал до повисока инстанца. Правото на информирање на граѓанинот дека неговите лични податоци се обработуваат и тука е запазено, но исклучоци мора да има поради природата на работата.

Игор Кузески, експерт за заштита на лични податоци кој доаѓа од Дирекцијата за заштита на личните податоци рече дека верува оти новиот закон за заштита на личните податоци кој целосно е усогласен со Општата регулатива на ЕУ ќе биде донесен наскоро, но во него не се тангира полициската регулатива. Како предизвици кои се однесуваат и на носењето на новиот закон и за усогласување на нашето законодавство со Полициската регулатива, Кузески ги наброја предвремените избори и немањето директор на ДЗЛП од 20 мај. Но и да се донесе законот доколку ДЗЛП нема директор, формално право ќе нема кој да ги потпише подзаконските акти што треба да се донесат за негова примена. Уште еден предизвик, според него е дали директорот што ќе биде избран ќе биде професионалец или заштитата на личните податоци ќе биде поле кое допрва треба да го учи и дали тој ќе дозволи вработените да си ја работат својата работа.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски истакна дека во подготовка се 40 подзаконски акти за имплементација на законот, со кој исто така се предвидува заштита на личните податоци. Најави потпишување на меморандуми за соработка со повеќе институции во кои се предвидени одредби за заштита на личните податоци. Првиот меморандум што ќе биде потпишан ќе биде следната недела со Министерството за внатрешни работи.

Елена Стојановска од Метаморфозис смета постоела несонхринизираност во носењето на законите за АНБ и за ОТА и новиот закон за заштита на личните податоци и усогласувањето со Полициската регулатива, што може да резултира со потреба од измени или дорегулација на некои сегменти.

Во Србија во 2018 е донесен нов закон за заштита на личните податоци во којшто се ставени и одредби усогласени со Полициската регулатива. Драгана Стојковиќ, комесар за информации од јавен карактер и за заштита на лични податоци на Србија пренесувајќи ги нивните искуства вели дека одредбите од Полициската регулатива се во целиот закон, и оти смета дека тие требало да бидат ставени во едно поглавје од законот. Недостаток е тоа што не ги определува прецизно државните органи што треба да го применуваат законот, а проблематични се и одредбите за ограничувањата. Законот во некои делови не е во согласност со Општата регулатива за заштита на лични податоци на ЕУ, особено во делот на санкциите. За член од законот веќе е поднесено барање за оценка до српскиот уставен суд.

Би можело да ве интересира

Уапсен полицаец, во ѕидовите од неговата куќа биле пронајдени 20 милиони евра

Дачиќ: Полицијата уапси Србин и хрватски државјанин, запленивме 15 килограми кокаин

Горан Наумовски

Полицијата пронајде две мали деца на улица, децата им се предадени на родителите

Горан Наумовски

Девојче од Србија до смрт ја избоде својата помала сестра во Лајпциг

Германија: Спречен можен терористички напад во Берлин

Лишени од слобода 15 царински службеници и полициски службеник

Предраг Петровиќ