Над 120 графики создадени на последните три главни сесии од графичката работилница „Софија“ во Богданци, од утре ќе бидат изложени во Музејот на град Скопје, потврдија денеска од печатницата „Софија“, која е организатор на традиционалната меѓународна работилница.
-Графичката работилница во Богданци е јадрото на едно продуктивно уметничко движење кое веќе 12 години ги обединува младите графичари од земјава и регионот. Работилницата е настан кој навидум има само локално значење, но всушност е успешна регионална приказна, која претендира да го одржи приматот на графиката како специфичен и мошне моќен уметнички израз, велат од печатницата во Богданци.
Главната сесија на работилницата за графика во Богданци секоја година се одржува кон крајот на август. Улогата на ментори ја имаат истакнати графичари и универзитетски професори од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и од Хрватска.