Има огромни разлики меѓу платите на вработените на јавните универзитети, кои, пак, се финансирани нетранспарентно, немаат усогласени правилници со коефициенти за плата во согласност со работните места, а факултетите се нееднакви во можноста самостојно да одлучуваат за што ќе ги трошат сопствените средства т.е. парите што ги добиваат од партиципацијата на студентите.
Независниот академски синдикат (НАкС) бара во најкраток рок да се склучи колективен договор за високо образование и наука. Предлог доставиле до Министертството за образование и наука и чекаат да бидат поканети од ресорниот министер.
Професорките Маја Стевановиќ, Мирјана Најчевска и Мимоза Ристова денеска на прес-конференција презентираа резултати од неколкумесечна анализа на платите на вработените во јавните универзитети, која, како што велат, покажува фрапантен дисбаланс во распределбата на средствата. На нивно барање од МОН добиле, како што велат, нејасен критериум за пресметка на плата на највисоко звање на универзитет – редовен професор, коефициент со три децимали (3.921) кој не го дава реалниот износ на просечна плата на редовен професор, кој е околу 550 евра (податок од 1 јануари 2019).
-Од 2010 до 2018 година државниот Буџет пораснал за 38 проценти, но платите во јавниот сектор не го следат тој пораст. Ова особено се однесува на секторот образование (основно, средно и високо) во кој од 2011 па се до последното покачување во август 2019, платите на вработените се зголемени за трипати помал процент отколку што изнесува процентуалното зголемување на Буџетот… Од 2011 до пред последното покачување во август 2019, нето-платите на вработените во јавните универзитети и научни установи биле покачени единствено во 2014 година за само 3,8 проценти, рече Ристова.
Нивното истражување укажува на големи разлики меѓу платите за иста работа и вложен труд на различни универзитети. На УКИМ и УКЛО има случаи кога редовни професори се со пониска плата од доцент на Државниот универзитет во Тетово, а на Битолскиот универзитет на пет факултети се исплаќа плата околу или повисока од илјада евра, а на УКИМ, иако е двојно поголем, илјада евра плата се зема на три факултети…
Има и огромна внатрешна неправедна распределба во рамки на еден универзитет. На УКИМ речиси една третина од редовните професори (31 отсто) земаат плата под 40.000 денари (16 проценти до 38.000, а 15 отсто меѓу 38.000 и 40.000), највисок процент (45 отсто) на УКИМ се со примања од 40.000 до 50.000, 13 отсто земаат меѓу 50.000 и 60.000 денари, а само 11 проценти на Скопскиот универзитет примаат плата над 60.000 денари.
Притоа, во одговорот што го добиле од МОН, единиците (факултетите) за кои се соопштуваат платите не се именувани, туку се посочени со броеви. Во анализата се изземени Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет зашто нивните професорите работат и во дејноста здравство, покрај образование.
-Само на три единици на УКИМ просечната плата на редовните професори е над границата од 60.000 денари. Најниската просечна плата за редовни професори е само 36.194 денари (единица бр. 23), а највисоката дури 122.205 денари (единица бр. 5), што претставува разлика од 3,38 пати, рече проф. Ристова на презентацијата.
Професорката Најчевска рече дека Националниот совет за високо образование, кој според новиот закон требаше да проработи до март годинава, треба да утврди методологија за плати и дека поради непостоењето на тоа тело, сѐ останува, како што рече, во рацете на МОН и зависи од неговата одлука како, кому и колку ќе распредели од парите од основниот буџет на МОН за јавните високообразовни установи.
-Без поставени критериуми и правила, МОН ја прави распределбата на крајно непознат начин, како ќе им падне на памет во моментот, со многу големо партиско и политичко влијание и со ад хок решенија, рече Најчевска.
Самоволие, велат од НАкС, има и во однос на тоа како се трошат парите од сопствени приходи, т.е. оние што факултетите ги добиваат од партиципацијата на студентите. Тие се наменети за подобрување на квалитетот на наставата, но некои факултети со дозвола од Министерството за финансии тие пари ги користат за да си ги зголемат платите, а на други факултети тоа не им е дозволено. Тоа, според нив, не е само неправедност, туку и системска корупција затоа што на овој начин професорите се принудени да го спуштат критериумот за преодност на студентите за да не го загубат приходот од нивната партиципација.
Бараат колективен договор со критериуми што правилно ќе ги утврдат коефициентите на сложеност на работните места, забрана на еднострано менување на вредноста на коефициентот од страна на МОН и систем на вреднување кој ќе овозможи за иста сложеност, ист обем на работа и исто образование да се добива иста плата на јавните високообразовни и научни установи.