Грчкиот премиер Андонис Самарас размислува за промени во својот кабинет, откако претставниците на Тројката меѓународни кредитори (ЕК, ЕЦБ и ММФ) си заминаа од Атина без да се постигне спогодба за последната транша од спасувачката помош за земјата, тврди весникот „Етнос“.
Самарас смета дека воопшто нема време за губење и дека промените треба да бидат забрзани и да се случат пред враќањето на Тројката во Атина, на почетокот на април, за да се постигне спогодба.
Грција очекува да ја добие последната транша од 2,8 милијарди евра, за земјата да не се доведе до банкрот.
Идејата на овие рокади е, кога претставниците на кредиторите ќе дојдат повторно во Атина, да бидат пречекани од една нова екипа, што ќе покаже дека може брзо да одлучува за прашањата за кои има значително доцнење.
Според владини извори, најверојатно смени на врвот ќе има во министерствата за државна администрација, на животна средина, за трговска флота и за внатрешни работи.
Како „круна“ на промените Самарас ја смета вицепремирската функција, која тој има намера да ја воведе. За неа се споменува името на лидерот на ПАСОК, Евангелос Венизелос.
Речиси е сигурно дека и ПАСОК и другата партија од владината коалиција- Демократската левица-ДИМАР, во неа ќе учествуваат со политичари, а не со експерти, пишува уште весникот „Етнос“.