Авионот Боинг 787-9 „Дримлајнер“ на австралискиот авиопревозник „Квантас“ го заврши најдолг лет без слетување досега регистриран во патничката авијација, соопшти Си-Ен-Ен.
Патничкиот авион тестираше лет на дестинацијата Лондон – Сиднеј.
За време на летот, авионот се наоѓал постојано во воздух 19 часа и 19 минути и поминал 17.800 километри. Патувале 50 лица и четворица пилоти и биле надминати два рекорда – по далечина и по времето на летање.
Откако полетал од меѓународниот аеродром Хитроу вчера рано наутро, за време на летот авионот ги преминал воздушните простанства на Германија, Полска, Белорусија, Русија, Казахстан, Кина, Филипини и Индонезија. Притоа, патниците имале можност двапати да го видат изгрејсонцето.
Претходниот рекорд, исто така, беше на авион Боинг 787-9 „Дримлајнер“ на истата компанија со лет што се случи на 21 октомври на дестинацијата Њујорк-Сиднеј. Авионот беше во воздх 19 часа и 16 минути со девет членови на екипажот и 40 патници.
Патниците биле раководители на компанијата „Квантас“, меѓу кои и генералниот директор Алан Џојс, научници од уноверзитетот во Сиднеј, новинари и неколку постојани корисници на авиокомпанијата.