Кипар ќе побара од Русија продолжување на рокот на веќе постоечкиот кредит и евентуално втора позајмица во рамките на меѓународната помош за спас, што Никозија се обидува да ја добие, јави ДПА.
Кипарскиот министер за финансии Кипар Михалис во понеделник ќе ја посети Москва, каде ќе разговара околу формата во која Русија може да помогне.
Висок претставник на кипарското Министертсво за финансии, кој побарал анонимност, за ДПА изјави дека Москва веројатно ќе го продолжи рокот за враќање на кредитот од 2,5 милијарди евра доделен на Кипар кон крајот на 2011 година, откако беше блокиран пристапот на земјата до меѓународните финансиски пазари.
Според истиот извор, Русија би можела да одлучи да обезбеди нов заем за Кипар. Меѓу другото, ќе бидат побарани и потенцијални купувачи на двете главни банки во Кипар, кои беа сериозно погодени од отпишувањето на грчкиот долг.
Првично Никозија објави дека има потреба од 17 милијарди евра, колку што изнесува годишниот бруто домашен производ на земјата, но според последните проценки на еврпските претставници Кипар може да има потреба од само 10 милијарди евра спасувачка помош.
Во јуни минатата година Кипар почна преговори со „тројката“ меѓународни кредитори составена од Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, за обезбедување на помош за рекапитализација на банките, кои претрпеа големи загуби со отпишувањето на грчкиот долг.