Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и директорот на Фондот на ПИО, Шаип Зенељи, денеска се сретнаа со пензионерите во Штип, со кои разговараа за зголемувањето на пензиите и други актуелни прашања. Министерката лично ги информира за претстојното покачување на пензиите во јануари 2020 година, кое ќе изнесува речиси 900 денари со пресметаните дополнителни усогласувања.
„Ова е најголемо покачување во последните 20 години. Од почетокот на следната година секој пензионер ќе добива дополнителни 700 денари со новото законско решение со кое пензиите ќе пораснат во согласност со растот на платите во државата. Со усогласување на пензиите со трошоците на живот пензионерите ќе добијат и дополнителни 160-200 денари, што значи пензиите само во 2020 ќе се зголемат 900 денари“, рече Царовска на средбата во Штип.
Царовска истакна дека пензиите се покачуваат во време кога дефицитот на ПИОСМ е намален, а растот на приходите што се слеваат во Фондот расте.
„Во годините на раст на минималната плата над 15 проценти и на раст на просечната плата 5 отсто, ќе има можност за покачување и на пензиите од 5 проценти“, рече Царовска.
На средбата во Штип присуствуваа и градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Станка Трајкова, и Ристо Нетков, претседателот на штипското Здружение на пензионерите.