Струшкото јавно обвинителство презело серија дејствија за да го расчисти настанот со видео-снимката на која се гледа како поранешниот заменик-министер од ДУИ, Асим Муса добива пари за интервенција, велат од таму за „А1он“.
Од Обвинителството потврдија дека ја побарале оригиналната снимка од албанската телевизија.
„Побарано е преку меѓународна правна помош од Република Албанија да се достават податоци за лицата и медиумот кои го извршиле снимањето како и да се обезбеди оригиналната снимка“, одговорија од таму за „А1он“.
Побарано е да се обезбедат и податоци за идентитетот на лицата кои се гледаат на снимката. Одговор од надлежните институции од Република Албанија не бил стигнат.
„Надлежен јавен обвинител достави и барање до Заводот за нефрологија, со цел да се провери постапката и цената за добивање на медицинска услуга, односно консултација и медицинска интервенција за странски државјани”, пишува во одговорот.
Ексзаменикот за здравство, кој поднесе оставка, дал изјава пред јавен обвинител.
Новинар од истражувачката емисија „Фикс Фаре“ на албанската телевизија, на заменик министерот за здравство Асим Муса се претстави како пациент на кој треба да му биде извршен оперативен зафат.
По нивната средба во Институтот за нефрологија во Струга, заменик министерот и „пациентот“ се договариле кога да биде извршена операцијата, по што Муса побара 1000 евра мито и доби 50 евра аванс.