Во случајот „Банки“, за кој во 2013 година кривична пријава поднесе полицијата за перење пари, немало елементи на кривично дело.
Ова го напишала обвинителката Ивана Трајчева од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во одговор на народниот правобранител по барање на оштетените лица кои реагирале дека со години немаат никаква информација што се случува со предметот што го пријавила полицијата.
„Во конкретниот случај настапила застареност на кривичното гонење за кривичното дело злосторничко здружување од член 394 од Кривичниот законик, а во врска со наводите за постоење основи на сомневање за сторено кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик, произлегува дека во дејствата на лицата што се наведени во известувањето не се содржани елементите на ова кривично дело“, пишува во известувањето на обвинителката Ивана Трајчева до народниот правобранител.
МВР на почетокот од 2013 година поднесе кривична пријава за случајот до скопското Обвинителство, а во 2017 и дополнително известување до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за сомненија за злоупотреба на службената положба и овластувањето и за измама.
Во пријавата на МВР поткрепена со анализа на банкарските трансакции и во извештајот на Управата за спречување перење пари е нотирано дека одговорни лица во Комерцијална банка и во Шпаркасе банка и во шест фирми во период од седум години незаконски кредитирале одговорни лица во банките, спротивно на Законот за банките и на одлуките на Нардоната банка за супервизија.
Полицијата до Обвинителството навела дека одговорните лица, злоупотребувајќи ја довербата на правните лица „Кубус“ и „Кубус инженеринг“, ја искористиле службената положба и овластувањето и им овозможиле на повеќе правни и физички лица да стекнат парични средства, кои подоцна биле искористени за купување недвижности, акции и удели. Според пријавата, сопственикот на „Кубус“, Златко Тодоров, подигал кредити, кои подоцна биле префрлани како заеми на меѓусебно поврзани лица со банката, и со тоа го оштетиле.
Во овој предмет се сменија неколку обвинители, меѓу кои и обвинителот од СЈО, Трајче Пеливанов, кој прв ја отфрли пријавата, па Вишото обвинителство му го врати предметот. Предметот потоа беше распределен кај обвинителката Елена Жакула. На обвинителствата им требаа шест години за пријавата да биде отфрлена.
Оштетениот сопственик на „Кубус“, Златко Тодоров, вели дека не добиле такво известување и оти се надева дека станува збор за непроученост на предметот.
„За некаква си застареност дознаваме од известувањето упатено од обвинителот по барање на правобранителот. Преметот е веќе осум години во Обвинителството и ако ова е излезот за (не)постапување во правец на казнување криминал во врска со банкарското работење, да се утврди патот на парите, тогаш тоа е погрешна постапка. Побарано е вештачење од Вишото, изготвено е од авторитети што се на ранг да ја оценат работата на целокупниот банкарски систем. Криминал е утврден, а ако е оценето како застарено делото, тогаш некому му се брза да го затвори можеби најголемиот предмет за банкарско корпорациски измами во РСМ“, вели Тодоров.
Обвинителката Трајчева во одговорот до правобранителот напишала дека чека финално мислење од Државното јавно обвинителство за предметот.