Во граѓанскиот суд во Скопје се одржа прво рочиште за ненаплатен долг од 10 илјади и 300 евра за извршена хируршка интервенција за Бојан Јовановски, Боки 13, во тужбата од приватната болница „Аџибадем Систина“.
Пред судијката Лилјана Зафировска-Петреска во скопска двојка се појавија адвокатот на „Систина“, Александар Михајловски, и адвокатката Јелена Симиќ од адвокатското друштво „Савиќ“.
Побарувањето на болницата „Систина“ против неформалниот сопственик на „1 ТВ“ и обвинет, Бојан Јовановски е затоа што направил хируршка интервенција во болницата, примил фактура во април годинава, но не ја платил, а вложил и приговор на нотарскиот налог, по што предметот заврши на суд.
„Се потврдува дека услугата е дадена, фактурата е примена од тужениот, но не е платена”, рече адвокатот Михајловски.
На рочиштето адвокатката Јелена Симиќ рече дека од нејзното адвокатско друштво било повлечено полномоштвото за Боки 13 на 24 октомври бидејќи не можеле да остварат контакт со нивниот клиент кој се наоѓа во притвор.
„Немаме контакт со странката. Не ми е познато дали тужениот е известен за повлеченото полномоштво”, рече адвокатката Симиќ.
„Систина” нарачала и вештачење за случајот. Судијката рече дека за следното рочиште во декември ќе биде сослушан тужениот Бојан Јовановски и вештакот кој го правел вештачењето.
Боки 13 е обвинет заедно со Катица Јанева и Зоран Милевски во предметот „Рекет” на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Пред скопска Апелација Јовановски се жалеше дека животот му е во опасност поради интервенцијата во „Систина“. Тој беше пренесен и во градската болница “Осми септември” поради болки и нагон за повраќање.