Во општина Струмица се организираат голем број настани од културата, но тие малку се посетени од публиката, истакна Бранко Бенинов, актер и член на Здружението за култура и уметност „Сцена“ од Струмица на синоќешна панел-дискусија.
-Од анкетите дојдовме до сознание дека учениците од прво до деветто одделение на десет прашања кои се основни како терминологија и израз во културата, немаше ниту десет проценти од децата што знаеја да одговарат. Со средношколците анкетата беше на тема што најмногу сакаат и излезе дека тоа е музиката. Но, да ја слушаат дома, а да не учествуваат во музички настани. Затоа, мора да почне да се размислува што е забава, а што култура, рече Бенинов.
На панел-дискусијата беше поставено и прашањето како публиката да се врати на кутурните настани. Од Здружението „Сцена“ сметаат дека треба да се иницираат културни навики кај граѓаните, бидејќи не може да се трошат пари, а публиката ја нема.
Актерката Оливера Аризанова Мансбарт рече дека публиката многу добро знае да разликува што е квалитет во кулурата, а што не е.
-Едно време имаше младинска сцена која работеше во домот на културата во Струмица и јас токму преку неа се „заразив“ со театарот. Денес таа сцена не постои и затоа треба да подотворат вратите на институциите од културата, бидејќи немаме друг начин како младите луѓе да ги инволвираме во театарската уметност, рече Аризанова Мансбарт.
На панел-дискусијата се одржаа и предавања од различни областа на културата за помладите учесници.