Редицата компании, што пројавија интерес за приватизација на меѓународниот аеродром во Атина „Елефтериос Венизелос“, но и за другите аеродроми во Грција, станува се поголема, а на неа освен Катарци, Кинези, Французи се доадоа и Турците, соопшти денеска грчкиот сајт репортер.гр.
„Туркиш ерлајнс“ пред извесно време соопшти дека има интерес не само за грчките аеродроми, понудени за приватизација, туку и дека има немара нејзини авиони да летаат до островот Крит, да ги зголемат летовите до Атина и да ја прошират соработката со грчката авиокомпанија „Ејџиан ерлајнс“.
„Катар ервејс“ прва пројави интерес за приватизација на атинскиот аеродром „Елефтериос Венизелос”, соопштувајќи минатиот ноември дека од оваа година отвора директни летови од Атина за Њујорк. Емиратот има апетити и кон елитниот хотел „Астор Палас“, што планира да го претвори во европски центар на катарската авиокомпанија.
Кинезите привремено беа повлечени, но потоа го обновија својот интерес и веќе имаат конкретни предлози во врска со приватизацијата на атинскиот аердром. Претставници на два кинески гиганта вчера се сретнаа со грчкиот министер за финансии и со раководството на агенцијата за приватизација, изјавувајќи интерес за учество во тендерската процедура.
Дел од приватизацијата на грчките аердроми сакаат и Французите. Во играта се вклучи и францускиот Aeroports de Paris, еден од најголемите аеродромски оператори во Европа. Предлогот на компанијата за учество во приватизацијата беше донесен од францускиот претседател Франсоа Оланд за време на неговата неодамнешна посета на Атина. Тој предвидува или посочениот француски аеродромски оператор да добие дел, или делот да биде поделен со катарските учесници.