„Пред многу години, еден од најзначајните политичари на дваесеттиот век, премиерот на Велика Британија, Винстон Черчил рекол дека во време на избори најповеќе се лаже. Но, не можел ниту во сон да претпостави колку тоа можат да го направат овие од ДПМНЕ. Вакви јаничари и вакви мамелеџии ниту било ниту ќе биде“, рече на митингот, кандидатот за градоначалник на Охрид, Александар Петрески.
Пред 7 години, рече, ветија осум милијарди евра странски инвестиции, и праша каде се?
„Ветија повисок стандард на граѓаните, Македонија ја направавија светски првак во мизерија. Ветија европски интеграции, останавме сами во балканскиот казамат, не заминаа и Албанија и Црна Гора и Србија, а сега и Косово. Ветија капитални инвестиции во енергетиката – потрошија повеќе од една милијарда евра за увоз на струја. Ветија автопат од Гостивар до Охрид.Ветија автопат од Битола до Охрид. Ветија железничка пруга од Кичево до Ќафасан.Им предлагам да снимат реклама и барем на Сител нацртани да ги видиме овие нивни ветувања. За 7 години потрошија повеќе од 17 милијарди евра, собрани од сиромаштијата, од лебот на народот. Ни ги задолжија не само децата, туку и неродените внуци“, рече Петрески.
Направија, рече Петрески воин на коњ; Воин без коњ ; Мајка на воин на коњ; Жена на воин без коњ; Прометеј со гаќи и без гаќи; Лавови, Бикови, Бродови, Врби, Барокни гаражи и рококо глупости.
Оваа на Никола Груески, рече Петрески, одамна ја отсвира својата последна песна. Нејзиното заврши.После септември ќе дојде друга влада. Влада на коалицијата што ја предводи СДСМ. Таа влада ќе ги надомести сите гревови што на Охрид му ги нанесе Груески, само заради тоа што не можеше да ги прежали претходните два порази во Охрид.
Петрески вети:
1. Гасификација на јавни, стопански објекти и домаќинства;
2. Изградба на водоснабдителен систем – „Свинишки извори“ и производство на електрична енергија;
3. Изградба на пречистителни станици и конечно решавање на проблемот со одпадните води во Трпејца и Љубаништа;
4. Изградба на пет нови кружни крстосници на “Булевар Туристичка“ и изградба на два надземни пешачки премини;
5. Изградба на четири катни гаражи во централното градско подрачје;
6. Изградба на современ пазар со подземни паркинг места и други пропратни содржини;
7. Изградба на современ затворен пливачки базен во рамки на СРЦ “Билјанини Извори“;
8. Изградба на пет нови училишни спортски сали;
9. Бесплатен автобуски превоз за сите пензионери и лица со посебни потреби до сите приградски и селски населби;
10. Субвенции за граѓани со ниски примања и граѓани со посебни потреби за трошоци од комунална сфера (вода, ѓубретарина, одвод);
11. Изградба на современа пешачко-рекреативна патека од СРЦ “Билјанини Извори“ до хотел „Парк“;
12. Изградба на современа пешачко-рекреативна патека од населбите Далјан и Воска, преку Канео, до Градското пристаниште;
13. Изградба на мал плоштад под комплексот “Долна Порта“;
14. Изградба на плоштад во Горна Влашка Маала;
15. Изградба на модерен објект за автобуска станица;
16. Изградба на Дом за стари и изнемоштени лица;
17. Изградба на три марини во Воска, Старо Пристаниште и Канал;
18. Изградба на модерен Аква- парк;
19. Изградба на Спортско-рекреативен центар во комплекс “Касарна“;
20. Изградба на Младински културен центар.