Македонскиот ракометен шампион Металург попладнево во Минск го играат првиот натпревар од осминафиналето од Лигата на шампионите. Противник е Динамо Минск, екипа која беше третопласирана во групната фаза, но состав достоен за респект.
Ракометарите на Металург од вчера се во Минск. Тие одржаа и еден тренинг во салата каде попладнево од 17 часот (македонско време) се игра натпреварот.
Тренерот Лино Червар со исклучок на Дејан Манасков може да смета на сите играчи, што значи дека и оние кои пропуштија неколку натпревари се подготевни за игра.
Динамо Минск е состав со неколку репрезентативци на Белорусија и интернационалци од Русија, Украина, Србија и Црна Гора. Тренер на оваа екипа е Сереј Бебешко.
Покрај овој натпревар другите осминафинални двојки се: Чеховски Медведи – Кил (играат денеска), Цеље – Хамбург (сабота), Силкеборг – Барселона, Адемар – Веспрем, ПИК Сегед – Киелце (судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски од Македонија), Атлетико Мадрид – Берлин и Горење – Флензбург (недела).