Убиство и самоубиство се случи околу 19 часот во тетовската приградска населба Мала Речица, информираше вечерва портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Според неговите информации таткото Ќ.Б.(51) најпрво ја застрелал својата ќерка Р.Б.(27), а потоа со пиштолот кој го поседувал со дозвола се застрелал и самиот. Двајцата биле вработени во странство. Ќерката пристигнала пред неколку денови, а таткото денеска во нивниот дом во Мала Речица.
– Екипи на СВР Тетово, истражен судија и обвинител во моментот вршат увид на местото од трагичниот настан и работат на откривање на причините што довеле до него, рече Јосифовски.
Според неофицијални и непотврдени информации најверојатна причина за убиството и самоубиството се несогласувањата околу љубовната врска на ќерката што таткото не ја прифаќал и сакал да се прекине.