Со отворањето на изложбата, мултимедијален проект и инсталација „Франкофонија Планетариум“ на познатиот уметник Киро Урдин утревечер во Музејот на Град Скопје почнуваат мартовските Денови на франкофонијата „Франкофонска пролет“.
Предвидено е изложбата да ја отворат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на Франција во Македонија Лоренс Оер.
– Франкофонијата не е само една организација во која членуваат 77 земји во светот и каде што повеќе од 900 милиони лица го зборуваат францускиот јазик. Тоа е голем географски простор и еден систем на вредности кој пред се во себе ја носи културната и јазичната разновидност, истакна на денешната прес-конференција Оер.
Овој перформанс е резултат на долгогодишната работа на уметникот Урдин низ најразлични земји ширум светот, кој по 20 години првпат се претставува во Македонија.
Во Музејот на Град Скопје до 28 март посетителите ќе имаат можност да погледнат дел од сликарството на Киро Урдин. Поставени се 12 поголеми формати масло на платно, работени во последните пет години. Освен масло на платно, има акварели и фотографии во поголеми величини изложени на паноа кои се пресек на неговиот целокупен творечки пат. Ќе бидат изложени и книги за творештвото на Урдин, пред се монографии. Застапени се и дел од мислите, филозофските размисли и афоризми на Урдин за најразлични теми. Исто така на видео бим ќе биде прикажан и филмот „Планетариум“, кој досега освои награди во Финска и во Њујорк.
Организатори на проектот се Музејот на Град Скопје, Францускиот институт во Скопје и НВО „Добредојде“ Macedonia Welcome Centre.