Градежните работници во Холандија утрово создадоа огромен сообраќаен метеж на стотици километри автопати со своите камиони, багери и кранови во знак на протест против мерките за намалување на загадувањето со азот што ќе влијае на нивната работа.
Холандските сообраќајни власти соопштија дека метежот е претежно околу Хаг и се протега на 380 километри. Полицијата, пак, соопшти дека центарот во Хаг е затворен за поголеми возила, но работниците се уште пристигнуваат.
За разлика од многу земји каде се протестира за намалување на јаглерод диоксидот, што има негативно влијание врз климата, во Холандија градежните работници и земјоделците протестираат против одлуката на судот според која земјата испушта премногу азот и со тоа го крши европскиот закон.
Денешниот протест е петти во низата протести што започнаа во септември. Земјоделските и градежните индустрии испуштаат најмногу азот, но работниците во овие индустрии сметаат дека се неправедно обвинети за проблемот на целото холандско општество.
Политичарите сугерираат дека околу 18.000 градежни проекти низ целата земја би можеле да бидат прекинати или во иднина треба да бидат во согласност со построгите правила, додека на некои сточари може да им се понудат субвенции за да ги намалат емисиите.