Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Зоран Дамјановски денеска оствари средба со стопанствениците од приватните фирми од Куманово од индустриските зони во населбите Карпош, Доброшане и Бедиње. Пред стопанствениците Дамјановски најави дека поттикнувањето на економскиот развој во општината има доминантно место.
– Во нашата програма предвидена е изградба на индустриско-економска зона во близина на Речица, каде општината ќе инвестира во инфраструктурно уредување, патна инфраструктура, водводна и канализациска мрежа со што ќе овозможат услови за стопанствениците да инвестираат средства за развој на мали и средни претпријатија, вели Дамјановски. Тој додаде дека зоната ќе има 60 стопански субјекти.
Пред стопанствениците од различни индустриски сектори, Дамјановски најави дека во програмата е предвидена изградба на горилница за цврст отпад која ќе овозможи решавање на проблемот со отпадот, но ќе овозможи и производство на електрична и топлинска енергија.
– Станува збор за уште една инвестиција која ќе допринесе за намалување на бројката на невработените, вели Дамјановски.