„Ритамот – Движењето, Музиката – Дишењето“ е насловот на музичката работилница што во организација на Националната установа „Охридско лето“ утре ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Работилицата ќе ја водат музичарот и композитор Оливер Јосифовски, заедно со пијанистот Филип Димишковски, Тимко Чичаковски на канон и Демир Кантуровски на труба. На работилницата ќе биде презентирана дел од музиката што на посебен начин Јосифовски ја креира заедно со „Љубојна“ во текот на изминатите години и преку која членовите на овој музички состав станале амбасадори, препознатливи по единствениот музички македонски јазик. Тие преку класичните музички форми, преку игривите форми на џез-музиката и разноликоста на нерамноделните ритмови од Македонија, презентираат автентичен израз на светската музичка сцена.
Битолчанецот Оливер Јосифовски завршил на Музичкиот конзерваториум „Панчо Владигеров“ во Софија, на отсекот џез музика, инструмент контрабас, каде што се здобил со високо признание и награда со што го продолжува музичкото образование на Универзитетот во „Беркли“ во САД. Магистрирал применета музика, филмска и театарска музикана факултетот за Аудио Визуелни Уметности ЕСРА Скопје, Париз, Њујорк.
Јосифовски е автор на музика за голем број театарски претстави во Македонија, Грција, Турција, Бугарија…со што остварил многу фестивалски гостувања низ целиот свет. Работи музика за филм, документарен филм, анимирани филмови и музика за балет. Во моментов, неговиот ангажман е насочен кон изработка на музика за нов македонски игран филм. Во неговиот творечки опус се вброени 12 снимени албуми, како и компилациите со групата „Љубојна“. Исто така, снимил и два албума со групата „Фолтин“, повеќе од 20 џез изданија од домашната и светската џез сцена.
Во моментов предава контрабас на Универзитетот во Штип, на академијата „Гоце Делчев“, при Факулетот за џез музика.
На предавањето на мастер класот ќе настапи и Вера Милошевска, вокал на групата „Љубојна“. Милошевска има настапувано и снимано музика за театарски проекти, со награда за најдобра музика на фестивалот „Војдан Чернодрински“, како и награда за најдобра музика за претставата „Парите се отепувачка“.