Вкупно две лица се убиени за време на протести на неколку стотици полицајци и нивни приврзаници во главниот град на Хаити, додека во исто време се одржувале и демонстрации на граѓани, соопшти локалната полиција.
Првата жртва била застрелана за време на протест во кој демонстрантите барале оставка од претседателот Жовенел Моиз.
Маж кој отворил оган врз толпа демонстранти бил претепан до смрт, а потоа демонстрантите го запалиле, пренесува Ал Џезира.
– Неидентификувано лице е застрелано, се вели во соопштението на полицијата на Хаити. „Хистеричната маса го запали напаѓачот“.
Пред протестот, полицајците ги изнеле своите поплаки и во седиштето на Националната полиција на Хаити.
– Нашите плати се мизерни. Немаме осигурување. Имаме картичка за осигурување, но во секоја болница во која одиме, мора да платиме, изјави маскиран полицаец, барајќи да остане анонимен поради страв од одмазда.
Како и претходните два месеци, опозицијата бара оставка од Моиз.
Од доаѓањето на власт во февруари 2017 година, Моиз се соочува со гневот на опозициското движење кое одби да ја признае неговата победа на изборите кои се сметаат за сомнителни.
Гневот ескалираше кон крајот на август поради недостиг на гориво, а протестите станаа насилни.
И пред да избувне оваа криза, Моиз беше обвинуван за корупција.