Дел од грчката заедница во Австралија е незадоволна од посетата на заменик-министерот за надворешни работи Костас Цириас на земјата и сметаат дека тој не се однесувал со почит кон нив каква што заслужуваат.
Две организации на Грците во Австралија (Пан-македонска федерација и Австралискиот грчки совет) го обвинуваат Цириас дека ги игнорирал затоа што не се сретнал со нив одвоено и на „вистински состанок“, туку само накусо се видел со нивните претставници во фоајето на хотелот во кој престојувал, пишува весникот на Грците во Австралија „Неос Космос“.
– Се што сакавме е да ни објасни за настанот на кој присуствувал во Перт, на кој бил присутен и македонскиот почесен конзул во Австралија Зоран Ќосески, а има и прашања за кои сакавме да побараме совет од него. Искрено, однесувањето на Цириас е збунувачко. Од една страна зборува за отвореност , одговорност и инклузивност, а од друга страна ги игнорира важните грчко-австралиски организации кои на себе го земаа товарот за промоција на грчките интереси, изјави истакнат член на грчката заедница во Австралија.
Македонскиот почесен конзул во Австралија Зоран Ќосески на почетокот од месецов присуствувал на приемот што грчката заедница во Перт го организирала по повод посетата на Цириас. Според некои медиуми, Ќосески на приемот кусо разговарал со Цириас, а потоа заедно разговарале и со претставниците на грчката заедница во западна Австралија.