11 годишно момче предизвика пожар во детска градинка во Кочани. Изгоре последен кат од детската градинка „Павлина Велјанова“ Пожарот избил синоќа околу 19 часот.
Соседите забележале дете како тропа по стаклената врата, откако го забележале и чадот, повикале пожарникари. Детето е неповредено.
„Кога дојдовме на лице место целата градинка беше во дим. Откако жителите ни кажаа дека има дете ги разбивме вратите и го извадивме детето, дури потоа почнавме со гасење“, вели Милко Минов, пожарникар од Кочани.
Со тешкоти при дишењето во болница е примен и еден од пожарникарите. На помош се понудиле и соседите.
„Откако видовме дека градинката гори, дојдовме да помогнеме“, вели еден од очевидците.
Огнот целосно го изгорел инвентарот. Чадот предизвикал штета и на пониските катови. Никој не зборува што правело момчето само во заклучената градинка. Се претпоставува дека детето незабележано од никого пред затворање на градинката се качило во една од просториите и се скрило во плакарот.
Откако сите си заминале ги собрало играчките на средина, во една од занималните и со хартија и запалка ги запалило. Според очевидците се работи за дете со посебни потреби Но нивните изјави се уште чекаат на потврда и од официјалната истрага за пожарот.
Виолета Кожинкова