Туск ја повика Турција на „вистински прекин на огнот“ во северна Сирија

Од:

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск денеска рече дека најавата за запирање на турските воени операции во северна Сирија не значи вистински прекин на огнот и ја повика Анкара веднаш да престане со воените активности во земјата.

Турција вчера се согласи да ја прекине офанзивата во Сирија на пет дена за да се повлечат курдските сили од „безбедносната зона“ што Анкара настојува да ја освои.

– Овој таканаречен прекин на огнот не е како што очекувавме. Тоа всушност не е прекин на огнот, туку барање за капитулација на Курдите. Ние го повторивме нашиот повик Турција веднаш да престане со воените активности, да ги повлече своите сили и да го почитува меѓународното хуманитарно право, рече Туск.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс вчера изјави дека постигнал договор со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за прекин на огнот во северна Сирија, со што ќе заврши осумдневната турска офанзива против силите предводени од Курдите.

Ердоган, пак, денеска изјави дека Турција ќе ја продолжи офанзивата во североисточниот дел на Сирија уште поинтензивно од претходно ако договорот со САД за петдневно примирје не биде реализиран во целост.

Тој додаде дека за Турција не претставува проблем влезот на сириските сили со поддршка на Русија во подрачјата исчистени од курдските Сили за заштита на народот, истакнувајќи оти Анкара не планира да остане на подрачјата под нивна контрола во северниот дел на Сирија.

Претходно, турскиот претседател демантираше дека денеска има судири во Сирија и покрај примирјето.

Неговата изјава следеше откако дел од западните медиуми јавија дека се слушаат експлозии на гранати на сириско-турската граница и покрај договореното примирје во траење од пет дена, со цел да се исчисти безбедносната зона од курдските сили.

Ердоган посочи дека безбедносната зона ќе се простира 440 километри долж границата на Турција со Сирија и оти со Вашингтон е договорено таа да навлегува во сириска територија во должина од 32 километри.

Турција на 9 октомври, два дена по одлуката на Трамп за повлекување на американските војници од Сирија, ја покрена операцијата „Извор на мирот“ против курдските сили. Анкара истакна дека цел на операцијата е да создаде „тампон зона“ за заштита на турската граница, во која би можеле да се вратат сириските бегалци од Турција.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Затворени училишта во Турција поради снежната бура, затрупани автомобили, во тек е извлекување на завеаните

Горан Наумовски

Масакр во Турција: Маж убил осум лица, меѓу кои и неговите најблиски

Горан Наумовски

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

Сирија: Израел изврши воздушен напад врз областа на античкиот град Палмира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ