Актуелниот бугарски амбасадор во Франција, Марин Рајков е најасериозниот кандидат за претседател на техничката влада на Бугарија, тврди во денешниот број софискиот весник „24 Часа“.
Според најавите, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев попладнево ќе го соопшти составот на техничката влада, која ќе има задача да раководи со земјата до одржувањето на предвремените парламентрани избори закажани за 12 мај.
Како што јави БТА, Рајков во изјава за весникот „Труд“ одби да ги коментира информациите дека ќе биде новиот бугарски премиер. – Не можам ниту да негирам, ниту да потврдам, кусо одговори Рајков.
Бугарските медиуми шпекулираат дека во техничката влада Бугарија првпат би можела да добие жена за министер за внатрешни работи, функција која би ја презела актуелниот раководител на Дирекцијата за ЕУ и меѓунарона соработка при ова Министерство, Петја Прванова.
Министер за финансии најверојатно ќе биде заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, Калин Христов, а со бугарската дипломатија ќе раководи актуелниот амбасадор на Бугарија во Велика Британија, Константин Димитров. Најсериозен кандидат за нов министер за одбрана е Тодор Тагарев, додека директорот на Националниот институт за правда, Дргаомир Јорданов се споменува како фаворит за нов министер за правда.
Пливачот Петар Стојчев, кој е неколкукратен победник на Охридскиот маратон, пак се споменува како најсериозен кандидат за нов бугарски министер за спорт.
Плевнелиев во интервју за австрискиот весник „Стандард“ најави дека мотото на оваа влада ќе биде „За Европа, за демократија, за економски развој“. Според Плевнелиев, сите членови на техничката влада ќе бидат личности кои „своите кариери и репуртации ги граделе од нула“.
Предвремените избори во Буграија беа закажани по трите неуспешни обиди на најголемите парламентарни партии да формираат нова влада, откако досегашниот премиер Бојко Борисов на 20 февруари поднесе оставка под притосок на масовните улични протести поради поскапувањето на струјата.