Зимата во Франција се врати и обилни снежни врнежи изминатата ноќ блокираа стотици луѓе во нивните автомобили долж патиштата во северниот дел на земјата, пренесе ДПА.
Префектот на департманот Манш, во Нормандија, преку Фејсбук упати повик до жителите на реонот да им помогнат на приближно 800-те лица кои останаа по патиштата. Меѓу 200 и 300 се блокирани долж националниот автопат меѓу Сен Жозеф и Шербур. Многумина возачи ги оставиле своите автомобили и побарале засолниште.
Полицијата, жандармеријата и пожарникарите им помагаат на луѓето, кои се останати долж патиштата во повратената зима, додаде ДПА.
Над 68.000 домаќинства во Бретања и Долна Нормандија, во западна Франција, останаа без струја по обилниот снег, што вчера паѓаше цел ден, пренесоа француските медиуми.
Во 26 департмани во северна и западна Франција е прогласено портокалово ниво на опасност заради снегот, што оваа сезона беше забележан и со количествата, и со времетраењето на врнежите, што се очекува да запрат во среда наутро, соопшти метеоролошката служба.