Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека лидерите на Европска унија едногласно го одобрија ревидираниот договор за излегување на Велика Британија од ЕУ.
Тоа значи дека договорот официјално може да биде доставен до британскиот парламент на ратификација. Предвидено е договорот за Брегзит да стапи во сила на 1 ноември.
– Европскиот совет ги повика Европска комисија и Европскиот парламент да овозможат договорот да стапи во сила на 1 ноември 2019 година, истакна Туск.
Тој оцени дека договорот „ќе овозможи да се избегне хаос и атмосфера на конфликт помеѓу ЕУ и Велика Британија“.
– Новата верзија на договорот е прифатена бидејќи првенствено е одобрена од страна на Ирска, но и од ЕК, што значи дека е безбедна и од корист на граѓаните на ЕУ, наведе Туск.
Британскиот парламент одлучи в сабота да одржи седница на кои пратениците ќе гласаат за новиот договор за Брегзит. Тоа ќе биде прва седница одржана в сабота од 1982 година, за време на Фокландската војна на Велика Британија против Аргентина.
Велика Британија и Европска Унија денеска постигнаа нов договор за Брегзит, што премиерот Борис Џонсон го оцени како „одличен“.
Се очекува Џонсон да има потешкотии при гласањето на договорот во парламентот бидејќи против се северноирската Демократска унионистичка партија, која ја поддржува малцинската Влада, како и опозициските партии Лабуристички партија, Либералните демократи, Брегзит партијата и Шкотската национална партија.
Претходниот договор за Брегзит со Брисел, што беше договорен од поранешната британска премиерка Тереза Меј, парламентот трипати го отфрли. Ако новиот договор за Брегзит не го изгласаат пратениците Џонсон ќе мора да бара ново одлагање на излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Претседателот на Европска комисија Жан-Клод Јункер денеска во Брисел по постигнувањето договор за Брегзит ја исклучи можноста од какво било пролонгирање.