Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев сака за својата земја експертска влада, слична на италијајнската што извесно време беше предводена од Марио Монти, пренесе БТА, цитирајќи го интервјуто на бугарскиот шеф на државата за денешниот австриски весник „Стандард“.
-Сакам да работиме како што Монти успеа да направи во Италија. Треба да имаме повеќе амбиции освен организирање на претстојните избори (закажани за 12 мај) и да ја надминеме малата криза, дополнува Плевнелиев за австрискиот дневен весник.
-Треба да ја искоритиме позитивната енергија што ја има во овој момент на улиците и во интернет мрежата во Бугарија, рече уште бугарскиот претседател.
Во неделата, илјадници луѓе повторно протестираа во Софија и во повеќе други градови против сиромаштијата и корупцијата на политичката елита во земјата по повикот на групи од граѓанскиот сектор.
Бугарија веќе четири недели секојдневно е потресувана од протести.
Конзервативниот премиер Бојко Борисов на 20 февруари поднесе оставка под притисок на улицата, потсетуваат агенциите.
Утре треба да се именува новата служебна влада, посочува Плевнелиев. Таа ќе почне со работа веќе следниот ден, а парламентот ќе биде распуштен.
-Владата ќе биде составена од жени и мажи, кои сами си ја изградиле репутацијата и насобрале знаења и умеења, тврди бугарскиот претседател.