Министерот за култура Хусни Исмаили денеска во својот кабинет имаше средба со режисерот Милчо Манчевски по повод претстојната светска премиера на неговиот шести игран филм „Врба“ на Филмскиот фестивал во Рим.
-На средбата стана збор за најновиот игран филм на Манчевски „Врба“ чија премиера ќе биде на 19 октомври на 14. Филмски фестивал во Рим. Станува збор за прв македонски филм во официјална селекција меѓу 30-ина филмови на овој фестивал, кој е најмлад меѓу елитните фестивали во светот и на кој светски премиери досега имале многу оскаровци, соопшти Министерството за култура.
„Врба“ е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција со учество на Албанија. Филмовите на Манчевски се дистрибуирани во повеќе од 50 земји и досега имале повеќе од 250 фестивалски проекции.