Трет бугарски граѓанин почина денеска како последица на самозапалување во текот на протестите против растечката сиромаштија и корупцијата во Бугарија.
Венцислав Василев, 53-годишен невработен татко на пет деца, се поли со бензин и се запали пред 15 дена, пред канцеларијата на градоначалникот на бугарскиот град Раднево.
Тој во болница е примен со тешки повреди поради вдишување чад и изгореници на повеќе од 75 отсто од телото.
Минатиот месец 36-годишниот Пламен Горанов се самозапали пред градското Собрание во Варна, што доведе до оставка на премиерот на бугарската десничарска Влада Бојко Борисов.
Уште еден млад бугарски граѓанин почина како последица на самозапалување во Велико Трново на 19 февруари, но бидејќи не изразил никакви политички и социјални барања, полицијата заклучи дека неговиот чин бил резултат на заболување од шизофренија.