Почнува фестивалот за дебитантски филм „Киненова“, актерката Тања Бошковиќ специјална гостинка

Од:

Во кино „Милениум“ вечер од 20 часот ќе биде отворен 4. „Киненова“ – интернационален фестивал посветен на дебитанти, на кој ќе се натпреваруваат седум филма кои се први или втори остварувања на режисерите. Специјална гостинка на годинашниот фестивал е српската и ексјугословенска актерка Тања Бошковиќ, на која ќе ѝ биде доделено признание за посебен придонес во светската филмска уметност.

„Киненова“ ќе биде отворен вечер од 20 часот во кино „Милениум“ со бугарскиот филм „Таткото“, победник на фестивалот во Карлови Вари оваа година.

Во конкуренција годинава се седум филма: грчкиот „Сожалување“ на Бабис Макридис, бугарскиот „Прасето“ на Драгомир Шолев, српскиот „Шевови“ на Мирослав Тадиќ, хрватскиот „Алекси“ на Барбара Викариќ, рускиот „Човекот кој ги изненади сите“ на Наталија Меркулова и Алексеј Чупов, бразилскиот филм „Сократес“ на Алешандре Морато и германскиот документарен филм „Љубовен автомобил“ на Елкe Леренкраус.

За наградите ќе одлучува тричлено жири предводено од Витали Мански, еден од авангардните современи филмски автори, чиј контроверзен филм „Путиновите сведоци“ ќе има специјална проекција на „Киненова“. Овој филм лани победи на фестивалот во Карлови Вари во селекцијата за документарни филмови, а Мански е во егзил во Летонија.

Фестивалот ќе трае до 13 октомври под слоганот „Првоборци“ соодветно на неговата мисија – да промовира вредности за општо добро, односно да донесува автори-дебитанти кои и покрај контроверзиите и преземените ризици не само што не се повлекле од идејата, туку со своите филмови поттикнале и општествени дебати.

Покрај филмовите од натпреварувачката програма, ќе има и специјална програма „Во фокус“ за унгарската кинематографија, програма „Посветено на“ – со филмови од турската филмска авторка Јесим Устаоглу, која е и член на жирито, како и презентација на наградата „Лукс“ на Европскиот парламент востановена во 2007, со прикажување пет филма меѓу кои и македонските „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и документарниот „Медена земја“.

Проекциите ќе бидат во Кинотеката во термините од 18, 20 и од 22 часот, а програмски содржини ќе има и во „Котур“.

Би можело да ве интересира

Асемина Проедру и Елеонора Венинова го отворија 8. издание на МФФ Киненова

Современата ирска кинематографија прв пат на репертоарот на „Киненова“

Филмскиот фестивал „Киненова“ завршува вечер, ќе бидат доделени наградите

Ана Ололовска

Свечено отворање на шестото издание на фестивалот „Киненова“

Ана Ололовска

Мето Јовановски добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на „Киненова“

Ана Ололовска

Валчанов, Балчус и Ангелов во жири на „Киненова“

Ана Ололовска