Предлогот барокната Градска куќа, место да оди на продажба, да се пренамени во центар за деца со посебни потреби, нема да остане само фејсбук-објава на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари. Тој најави дека иницијативата и официјално ќе ја достави до Град Скопје.
„Република Северна Македонија е меѓу ретките држави во Европа која нема специјална институција за целодневен престој и третман на деца со посебни потреби. Нели заслужуваат овие деца да бидат во центарот на нашето внимание? Секако, ќе доставиме и предлог до Град Скопје, место да се продава Градската куќа, да биде институција за деца со посебни потреби. Ова би бил нашиот прв европски чекор, би покажале колку ни значи оваа категорија граѓани“, изјави Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар, за „А1он“.
Реакцијата на градоначалникот Таравари доаѓа кога по минатонеделниот предлог на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, Советот на Град Скопје изгласа одлука барокната Градска куќа да се продаде оти нема да ја собере градската администрација.
Почетната цена на јавната аукција советниците изгласа да биде 12,7 милиони евра иако според досега објавените податоци за изградба на Градската куќа, Градот потрошил околу 18 милиони евра. Градоначалникот Шилегов објасни дека почетната цена е 12,7 милиони оти толку пари досега потрошил Градот за изградба на објектот.
Барокната Градска куќа почна да се гради во 2011 година со рок за изградба од 4 години. Изведувач на објектот беше „Бетон“. Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, пред истекот на рокот објасни дека изградбата на објектот ќе се пролонгира поради тоа што Градот нема пари, па буџетот за доградба ќе се подели во неколку години, а ќе напредува во зависност од тоа колку пари ќе има во градската каса.
Градската куќа е изградена на површина од 1.274 квадратни метри. Има шест ката над земјата и три ката под, наменети за паркинзи. Нејзиниот капацитет, според најавите на почетокот на градбата, е за 650 вработени, па се планира целата градска администрација да се пресели под Калето.