Бучер: Ниту еден Унгарец не е прифатлив како еврокомесар за проширување

Од:

Белгискиот неделник МО опширно ги анализира предлозите за еврокомесари од Унгарија и Романија, посочувајќи дека според интервјуираните експерти неприфатливо е предлог на унгарската влада да биде задолжен за ресорот проширување во идниот состав на Европската Комисија.

Пред два дена Европскиот Парламент ги отфрли кандидатурите на Ласло Трочањи, поранешен министер за правда на Унгарија и Рована Плумб, поранешна европратеничка од Романија, поради утврден конфликт на интереси.

Унгарија го доби портфолиото проширување, а Романија ресорот транспорт.

По негативното гласање на европските пратеници, премиерите на двете земји предложија нови кандидати за комесари, Оливер Вархелји, сегашен амбасадор на Унгарија при ЕУ и Дан Ника, романски европратеник.

Неделникот го пренесува ставот на Пол Бучер, политички аналитичар од тинк тенкот Европски политички центар (ЕПЦ) кој смета дека ниту еден унгарски кандидат не е добар избор за портфолиото проширување и соседска политика.

-Ниеден Унгарец од владините кругови не е подобен за оваа функција, вели Бучер, коментирајќи го новиот предлог на Виктор Орбан.

Оливер Вархелји е дипломат од кариера и не е член на владината партија, Фидес, но важи за силен поддржувач на политиката на Виктор Орбан, која жестоко ја брани на дипломатските состаноци во Брисел.

-Дипломатите исто така ја пропагираа авторитарната политика на владината партија Фидес, тоа е суштината во Брисел, и сигурно кај европратениците кои ќе го испрашуваат кандидатот. Сметам дека тие треба да блокираат секој предлог од Унгарија, тоа треба да го сторат ако навистина се грижат за владеењето на правото, оваа приказна уште долго ќе се влече, вели Бучер за МО.

Соговорникот смета дека назначувањето на близок на Орбан е ризичен потег во однос на сигналот што тоа ќе го испрати до земјите кандидати, како Македонија, кои работат на воведување владеење на правото.

Унгарскиот новинар, Мартон Гергели, пак, го релативизира ставот на Бучер и уверува дека земјите кандидати се свесни дека крајната одлука и проценка доаѓаат од земјите членки, а не од европскиот комесар.

Според Бучер, меѓутоа, постои реален проблем во назначувањето на унгарски комесар за проширување и соседски односи поради дипломатските спорови на оваа земја со Северна Македонија и Украина.

Првиот спор се однесува на азилот кој му го одобрија унгарските власти на поранешниот премиер осуден за корупција, Никола Груевски.

-Како ќе биде примен унгарски комесар за проширување во Северна Македонија?, прашува Пол Бучер во интервјуто.

Во однос на Украина, која исто така спаѓа во ресорот на комесарот за проширување и соседска политика, Бучер потсетува дека унгарската држава им додели унгарски пасоши на етничките Унгарци во Украина, откако Киев ги укина малцинските јазици од школските програми. Иако Словачка донесе сличен закон, Будимпешта не возврати со иста мерка, “што сугерира дека Унгарија има подлабок проблем со Украина“, смета аналитичарот.

-Унгарија е во добри односи со Кремљ и е единствената земја што го блокира членството на Украина во НАТО, Унгарија се закани и дека ќе ја блокира интеграцијата на Украина во ЕУ, вели Пол Бучер.

Текстот потсетува дека во 2014-та, Виктор Орбан веќе го бараше портфолиото проширување, но тогашниот претседател на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, одби.

-Шокиран бев кога видов дека Урсула фон дер Лејн му го додели портфолиото во овој состав, објаснува аналитичарот и објаснува дека во прашање се политички калкулации.

-Орбан и требаше на фон дер Лејн за да биде избрана за претседател на ЕК, во Европскиот Парламент помина со едвај девет гласови, Фидес има дванаесет, оттука е јасно зошто беше важно да му се удоволи на Орбан, оценува Бучер.

Гергели од своја страна дава уште едно објаснување.

-Кога Меркел и Макрон го предложија Франс Тимерманс за кандидат претседател на Европската Комисија, имаше голем отпор во Европската народна партија. Потоа, Макрон и Меркел ја предложија Фон дер Лејн и побараа од Орбан да обезбеди дека земјите од Вишеградската група ќе ја поддржат во замена за ресорот проширување за Трочањи, а за Полска не беше лесно да ја поддржат, таа е поранешна германска министерка за одбрана, но благодарение на Орбан, Полска даде поддршка, вели Гергели.

Експертите сметаат и дека Фон дер Лејн е уверена дека не треба да влегува во отворен конфликт со Орбан и дека подобро ќе го контролира доколку му го даде тоа што го бара.

Но, постои и уште една интерпретација за овој контроверзен потег на новата претседателка, а тоа е нискиот степен на важност на самото портфолио.

-Изборот за унгарски комесар за проширување испраќа и сигнал за проширувањето, дека тоа всушност не е многу важно. Проблематичните земји обично ги добиваат помалку важни портфолија, така што е сосема можно дека оваа Комисија нема намера да посвети големо внимание на проширувањето, што не е многу добар знак за земјите од Западниот Балкан, смета Пол Бучер.

Од друга страна, пак, регионот и е многу важен на Унгарија.

-Орбан сака повеќе тежина на Западниот Балкан, за него и за неговите фирми, ќе може во Белград да каже “внимавај, мој човек работи на твоето проширување, дај ми го тоа што го барам“, вели новинарот Гергели.

За Пол Бучер станува збор и за обединување околу антимиграциските политики на унгарската влада.

-Тој сака што повеќе земји во централна Европа да му се придружат за да го прошири авторитарниот антимиграциски блок во ЕУ и да има поголема гласачка тежина, колку повеќе земји под политичкото влијание на Унгарија станат членки на ЕУ, толку повеќе влијание тој ќе има во ЕУ, објаснува аналитичарот Бучер.

Впрочем, додава тој, во западнобалканскиот регион веќе постои сличен авторитарен тренд како во Унгарија.

-Ако унгарскиот комесар го следи интересот на неговата земја, тој нема да има интерес да се почитуваат копенхашките критериуми, напротив, вели Бучер.

Авторот на анализата заклучува дека копенхашките критериуми за демократија и владеење на правото “стихијно“ ќе бидат заменети со “критериумите од Будимпешта“.

Би можело да ве интересира

Сијарто: Не пристигна подобра понуда за замена на руската енергија

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

(ВИДЕО) Легендарниот Унгарец колабираше и почна да се тресе – натпреварот од Лигата на нации веднаш беше прекинат

Горан Наумовски

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп