Со новиот Закон за бесплатна правна помош, што стапи на сила од денеска, граѓаните добиваат бесплатна правна помош и еднаков пристап до правда – адвокатот, а сите судски и административни трошоци се покриваат од буџетот.
-Граѓаните кои се со незавидна финансиска положба можат да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни единици и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од Буџетот на Министерството. Новина во законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош, рече на денешната прес – конференција, министерката за правда Рената Дескоска.
Овој закон, како што истакна, придонесува кон градење на владеењето на правото, но и содржи и една хумана димензија која подразбира дека материјалните можности не смеат да бидат пречка за остварување на правата на граѓаните.
Дескоска потенцираше дека со овој закон, граѓаните кои немаат доволно финансиски средства ќе можат да ги остварат своите права пред судовите, пред управните органи, но и пред други државни органи како што се Уставниот суд, Народниот правобранител и други институции.
Бесплатната правна помош граѓаните можат да ја добијат за имотно-правни спорови, должничко-доверителски односи, прашања од пензиско и инвалидско осигурување, застапување на жртви на семејно насилство, остварување на социјална помош, за спорови со осигурителни компании итн.
Новина во законот, како што рече Дескоска, е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош. Досега не се покриваа судски такси, трошоци за вештачење и сл., што беше пречка за многумина да добијат заштита заради дополнителните трошоци. Сега таа пречка е отстранета. Со новиот закон, корисниците на бесплатна правна помош се ослободуваат од судски трошоци и од трошоци за вештачење и тоа ќе се врши од Бирото за судски вештачења без надомест.
Законот предвидува давање на примарна и на секундарна правна помош. Примарната правна помош ја даваат овластени лица од Министерството за правда или од подрачните одделенија кои ги има по градовите во внатрешноста на државата. Примарна правна помош даваат овластени здруженија. Досега се регистрирани седум вакви здруженија.
Примарна правна помош ќе даваат и правните клиники на правните факултети. Почнувајќи од денеска правните факултети на првите седум рангирани универзитети може да поднесуваат барања за регистрација на правните клиники.
-Со тоа даваме можност да се воспостави двојна корист – бесплатна правна помош на оние на кои им е потребна и можност за практична настава за студентите на факултетите кои од студентските клупи ќе го учат правничкиот занает, а тие секако ќе бидат менторирани, истакна Дескоска.
Секундарната правна помош ја даваат адвокатите и таа се состои од застапување во граѓански судски постапки, во управни постапки пред Фондот за пензиско и инвалидсно осугуривање, Фондот за здравствено осигурување, застапување во постапка за расправање на оставина пред нотар, составување поднесоци на должник пред извршител и сл. Новина на овој закон е што бесплатна правна помош добиваат и жртви на кривични дела.
-За да можеме да излеземе во пресрет на очекуваниот зголемен обем на барања за бесплатна правна помош, оваа година Буџетот на Министерството за правда е зголемен за 2.000.000 денари, повеќе од претходните години. Со години наназад буџетот за оваа намена беше 3.000.000 денари, а оваа година изнесува 5.000.000 денари, истакна Дескоска.
Министерката за правда ги наведе и условите кои треба да ги исполни барателот на бесплатна правна помош, а тоа се ако барателот живее сам неговиот месечен приход да не е поголем од утврдената минимална плата, ако живее во семејство – вкупниот приход да не биде поголем од минимална плата зголемена за 20% од минималната плата за секој член поеинечно. Тоа значи 12.500 денари плус 2.500 денари или вкупно 15.000 денари месечен приход ако се двочлено семество, или 17.500 денари за трочлено семејство, 20.000 за четиричлено семејство…
– При тоа како приход не се смета надоместок за помош и нега од друго лице, родителски додаток за дете, детски и посебен додаток, додаток заради посебни потреби, надоместок на плата за скратено работно време. Исти така барателот на правна помош не треба да има повеќе од еден едностанбен објект или стан во зграда. Да нема повеќе во сопственост од една или повеќе физички поврзани парцели со вкупна површина од 300 метри квадратниво Скопје, 500 метри квадратни во другите општини, односно една или повеќе парцели со вкупна површина не поголема од 5000 метри квадратни во рурални средини, и едно моторно возило до 1200 сантиметри кубни, рече Дескоска.
Министерката за правда ги охрабри граѓаните кои ги исполнуваат условите за добивање бесплатна правна помош да се обратат до подрачните одделениија на Министерството за правда, до граѓанските здруженија, и истакна дека се надева оти наскоро ќе може да се обраќаат и до правните клиники на правните факултети.