Назначувањето на Метју Палмер за специјален претставник на државниот секретар на САД Мајк Помпео за Западен Балкан „покажува колку е важно американската дипломатија да најде решение за долгогодишното прашање на односите Србија и Косово, изјави пензионираниот генерал на американската армија Бенџамин Хоџис, јави Бета. Тој оценува дека „работите на Балканот нема сами од себе да се поправаат “.
Во разговор за Гласот на Америка (ВОА), Хоџис ги поздрави обновените напори на САД да помогне во решавањето не само на сложените односи меѓу Србија и Косово, туку и стабилизацијата на поширокиот регион, вклучително и Босна и Херцеговина, како и консолидирање на европскиот пат на Северна Македонија.
– Назначувањето на Палмер е важно од две причини. Прво, тоа е сведоштво за сериозноста на односот на САД со регионот. Кога САД испраќаат специјален пратеник, тоа е порака до сите страни дека се грижиме да помогнеме во решавањето на проблемот, рече Хоџис, кој присуствуваше на годишната конференција на Центарот за анализа на европската политика со седиште во Вашингтон.
Според Хоџис, целиот регион на Западен Балкан е исклучително важен.
– Регионот е дел од конкуренцијата на големи сили. Мислам дека Москва презема колку што е можно повеќе за да остане нестабилен. Не е заинтересирана за каква било стабилизација на регионот. САД несомнено мора да бидат ангажирани. Работите нема да се подобрат сами од себе, рече Хоџис.