Преговарачот на ЕУ за Брегзит Мишел Барние, изјави дека како што сега стојат нештата „тешко“ дека ќе се дојде до договор со Велика Британија, и покрај новите предлози од Лондон.
– Врз основа на сегашната позиција на Велика Британија, тешко е да се види како можеме да излеземе со законско изводливо решение што ги исполнува сите цели на безбедносната мрежа, т.н. бекстоп, изјави Барние на заедничката прес-конференција со германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во Берлин.
Барние рече дека засега нема основа за постигнување договор и оти двете страни треба да продолжат да работат и да објаснуваат. Тој рече дека ЕУ останува отворена за разговори и напредок.
Барние уште дополни дека владата на Борис Џонсон постигнала напредок и се чини дека се движи кон одредена контрола. Сепак, тој додаде дека предлозите досега се делумни.