Не ја отпишувајте Грција како регионален играч во надворешната политика, заклучува паневропскиот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи (ЕЦФР) во својата анализа за надворешната политика на официјална Атина.
Коментирајќи ја неодамнешната посета на грчкиот премиер Андонис Самарас на Турција и одржувањето на заедничкиот Совет за соработка на високо ниво меѓу двете земји, во анализата се истакнува дека „не може да има поголем контраст од деновите во 90-тите години од минатиот век кога двете земји беа на работ на војна“.
Припишувајќи му го успехот за добрите односи со Турција на Самарас, ЕЦФР нагласува дека „тоа не е неговиот единствен успех во надворешната политика“.
„Доближувањето на Бугарија поблиску до своите позиции во врска со соседна Македонија (во Атина позната како фИРОМ) е уште еден успех на Самарас. Ставот на Бугарија во однос на македонските роднини за ’крадење на историјата’ и ’антибугарска кампања’ резултираше со условување на бугарската поддршка за напорите на соседот да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Во декември Бугарија и стави полу-вето на Македонија на редовниот состанок на Советот на ЕУ и одлуката за преговорите е одложена до јуни, во очекување на извештајот на Комисијата кој треба да биде објавен во април. Атина аплаудираше“, се вели во анализата и се потсетува дека двете влади одржаа заедничка седница во Атина на 17 декември после која „Самарас и Борисов го повикаа Скопје да ги почитува принципите за доборососедски односи“.
„Тешко е да се каже дали заедничката офанзива визави Македонија ќе продолжи и по предвремените избори во Бугарија закажани за 12 мај“, заклучува паневропскиот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи.