Канадскиот премиер Џастин Трудо се извини поради шминкањето на лицето со темна боја во 2001 година на тематска забава „Арапски ноќи“, откако фотографијата се појави во јавноста на само пет недели пред изборите.
Фотографијата од 29-годишниот Трудо со лице целосно затемнето со шминка наиде на осуда на јавноста, а посебно што тој често зборува за потребата од борба против расната дискриминација и кој во својот кабинет има тројца истакнати министри од индиско потекло.
– Требаше тогаш подобро да знам, но не знаев. Длабоко жалам за тоа што го направив, изјави Трудо, откако списанието Тајм ја објави фотографијата.
– Го облеков костимот на Аладин и ставив шминка. Не смеев тоа да го сторам…тоа беше глупаво, рече Трудо.
Трудо е во тесна битка со конзервативниот лидер Андрју Шир, кој рече дека е „исклучително шокиран и разочаран“ од фотографијата.
– Тоа шминкање е отворен потсмев и расизам. Она што Канаѓаните го видоа вечерва е некој со целосен недостиг на расудување и интегритет и некој кој не е подготвен да управува со земјата, оцени Шир.