Македонскиот шампион Металург и воедно прва екипа која обезбеди пласман на завршниот турнир во СЕХА лигата со комбиниран состав отпатува за Загреб на дуелот од 16.коло од СЕХА лигата што треба да се одигра утре.
Во главниот град на Хрватска од младинскиот состав ќе настапат: Бојан Маџовски, Борјан Маџовски, Жарко Пешевски, Мартин Манасков, Филип Талески и Марко Нелоски, а од првиот тим:Петар Ангелов, Никола Митревски, Милан Левов, Дамир Батиновиќ, Давид Коражија, Гоце Георгиевски, Златко Мојсоски, Игор Мандиќ и Левко Наумовски.
Екипата ќе ја води помошникот на Лино Червар, Александар Петровски, а него ќе му помага тренерот на Металург Јуниор Александар Јовиќ.
Тренерот Лино Червар ќе остане во Скопје со остаток од екипата ќе работи, додека раководството на клубот утре ќе присуствува на Изборното Собрание.
Инаку, Металург побарал одложување на овој натпревар, бидејќи в четврток го играат првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите со Динамо Минск во Белорусија. Загреб и не го прифатил предлогот за одложување.
Директорот Левче Китевски во својата изјава за интернет страницата на клубот бара одговорност и од комесарот за натпреварување на СЕХА, Марјан Начевски.
– Големо е нашето жалење што не сме во можност во Загреб да настапиме со својот најсилен состав. Сепак, вината за создадената состојба ја гледаме во раководството на Загреб и особено во комесарот на СЕХА лигата, Марјан Начевски, кој, иако е и генерален секретар на РФМ, немаше чувство за потребите на македонскиот шампион. Во деновите кога македонскиот машки клупски ракомет е пред прагот на својот најголем успех. Го прашуваме Начевски дали за него е поважно да се одигра, во овој момент, неважен натпревар со екипата на Загреб или пак, историскиот натпревар со екипата на Динамо Минск, вели Китевски.