Оризари од Кочанско го блокираа патот кон Штип, бараат субвенции за предадената арпа

Од:

Земјоделците од кочанскиот регион денеска повторно излегоа на протест и во селото Облешево со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента на магистралниот пат кон Штип. Беше истакнато барањето до Владата да го исполни ветувањето за исплата на субвенциите за предадената оризова арпа од минатогодишната реколта.

– За две недели ќе почне новата жетва на оризот, а ние се уште не сме ја добиле ветената субвенција од пет денари за килограм арпа за минатогодишните количини што ги предадовме кај откупувачите. Во декември, додека траше рокот за субвенционирање, откупната цена беше околу 13 денари за килограм арпа, а потоа скокна и до 30 денари. Изгубивме уште во старт, а потоа чекавме на дополнителната мерка за поддршка од државата што до денеска не ни е исплатена, па бележиме уште една загуба. Бараме исплатата да се реализира веднаш, па дури ако треба и Собранието нека одржи вонредна седница за да расправа за неповолната состојба во земјоделството, рече Стојче Ташковски, земјоделец од Чешиново.

На протестот оризарите побараа и навреме да се одреди минималната откупна цена на арпата за да можат да направат пресметка дали ќе имаат некаква добивка од произведеното.

– Со ребалансот на Буџетот предвидени се пари за лозарите, а колку што сме информирани, нас оризопроизводителите нè нема на списокот. Нека ја запазат барем едната мерка за субвенции, затоа што ниту за засеана површина ги немаме добиено парите, ниту пак за предадената арпа. Бараме министерот за земјоделство да дојде кај нас за да видиме колку ќе биде откупната цена, затоа што нас производната цена ни е 17 денари од килограм арпа. Ако не биде 25 денари, мислам дека нема што да бараме, ќе ги напуштиме нивите, а и оние малкумина млади што останаа ќе заминат во странство, рече Здравко Арсов, земјоделец од Облешево.

Земјоделците од кочанскиот регион рекоа дека денешната едночасовна блокада на патот Кочани-Штип е само предупредување до ресорното Министерство што побрзо да ги исплати субвенциите, а во спротивно најавија целосна блокада на коловозот.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Исплатени се субвенции од над милијарда и триста милиони денари за околу 20.000 земјоделци

СДСМ: Лага е дека се исплаќаат субвенции од преходните четири години, неспособната власт доцни

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Петрушевски: Арекспорт со договор кој го потпишал Љупчо Николовски се обврзале на инвестиција од над 2.4 милиони евра, не реализирале ниту 300 илјади

Ќе се субвенционираат пристигната патници и дестинации, Владата ги менува условите за поддршка на авиокомпаниите

Катерина Ѓуровски

МЗШВ: Префрлени се сто милиони денари на АД Водостопанство за заостанатите плати

МЗШВ: Лозарите претходната Влада ќе ја паметат по ниските откупни цени и безредие