Во манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски” се одржува 33-та Меѓународна ликовна колонија која го носи името на светецот, на која деветмина уметници во текот на една недела творат на тема „Балкански пријателства”.
На годинашното издание на колонијата учествуваат Бурџу Кублаи од Турција, Стоил Мирчев и Георги Андонов од Бугарија, Снежана Манасиќ и Јовица Дејановиќ од Србија, Мирослава Трујкановиќ, Гоце Божурски и Стадим-Ставре Димитров од Република Северна Македонија.
– Инспирирани од амбиентот и убавините на манастирот и природата, авторите творат и ќе остават по две дела во сопственост на збирката на колонијата и збирката на манастирот. Се работи во различни сликарски техники: масло на платно,акрил и комбинирана техника.Секогаш на оваа колонија се создаваат дела со висока уметничка вредност кои остануваат трајна вредност не само за збирките во кои припаѓаат, туку и воопшто за македонското културно наследство. Следната година ќе се реализира биенална изложба со делата од 2019 и 2020 година, изјави координаторот на колонијата, Јордан Михајловски.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски ги посети учесниците на колонијата поздравувајќи ја нивната работа.
– Благодарам што сте дел од нашите репрезентативни културни настани, што се шири надалеку убавиот збор за традицијата на одржување на колонијата, но и а убавината на манастирот.
Посакувам секогаш да имате прилика да можете да не посетувате и со вашата уметничка величина да придонесете за афирмација на колонијата, која претставува културен бренд на градот, изјави Мицевски.
Организаторите најавија дека веќе се работи на уредување на програмата за следната година, кога се планира учество на уметници од десет држави, меѓу кои: Грција, Франција, Австрија, Украина, како и други држави од Европа и светот.