Владата на Република Северна Македонија на 152-та седница ја усвои информацијата со иницијатива за централизирање на дејноста онкологија и радиотерапија, во рамки на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија-Скопје со основање подрачни одделенија во Градската општа болница „8-ми Септември”–Скопје, Клиничката болница Штип, Клиничката болница Битола и низ останатите градови во Републиката.
Како што соопштуваат од Министерството за здравство, овој чекор ќе обезбеди стручна, навремена и технолошки напредна радиолошка терапија за пациентите низ целата држава.
-Централизирањето на дејноста е во насока на обезбедување поголема стручност во радиолошките терапии, максимална рационализација на средствата, со тоа што заштедата од еден ваков проект за идната година е најмалку 140 илјади евра, коишто ќе може да се инвестираат во нова пософистицирана опрема, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Во подрачните одделенија, како што информираат од Министерството, новоформираните центри ќе бидат опремени со современа опрема што е веќе набавена, а со неа ќе раководи високостручен кадар обучен за спроведување софистицирани радиотераписки процедури.
Од Министерството за здравство посочуваат дека се во процес на подготовка на акциски план за реализација на инцијативата со конкретни чекори, рокови и правни модалитети.
-Со последните заложби, Министерството за здравство посвети големо внимание на пациентите со најтешките, онколошки заболувања. Ваквиот начин на централизација ќе ги надгради капацитетите на подрачните одделенија, а пациентите и граѓаните ќе го препознаат како зголемување на капацитетите и квалитетот на здравствени услуги, се вели во соопштението на Министерството за здравство.