Триесетина конфекциски работнички во грчката фабрика “Кристи текс” во Благоевград ги “заробиле” своите шефови поради неисплатени плати.
Тие ги заклучиле нивните работодавци и им соопштиле дека нема да ги пуштат додека не ги добијат платите за претходните два месеци.
Полицијата по дојавата го ослободила раководството на фабриката, но остана да дежура во објектот поради опасноста грчките работодавци да ги изнесат машините и техниката од фабриката, пред намирувањето на обврските кон работничките.
На работничките во фирмата, кои работаат и по 10 часа на ден, не им е уплатувано ни здравствено ни пензиско осигурување. Шивачките се решени да стапат во штрајк со глад ако не ги добијат платите.
Работничките во грчката текстилна фабрика во бугарскиот град Петрич неодамна, исто така, протестираа поради не добивање на платите, по што нивните работодавци ги изнесоа машините од претпријатието и побегнаа.