Се зголемува бројот на новодијагностицирани пациенти со малигни хематолошки заболувања во државава. Минатата година нивниот број изнесуваше 495, а годинава се очекува тој број да биде за 10 до 15 проценти поголем. Од нив 50 отсто ќе имаат лимфон, 30 отсто ќе имаат акутна леукемија, околу 20 отсто ќе имаат миелом, а останатите ќе ги имаат поретките специфични малигни хематолошки заболувања. Најзагрозена група се децата и адолесцентите.
Ова денеска го истакна директорката на Универзитетската клиника за хематологија, Ирина Пановска Ставридис, на прес-конференција на Здружението „Борка за секој нов ден” по повод одбележувањето на септември месецот посветен на подигнување на свесноста на хематолошки малигни заболувања. Таа рече дека минатата година биле дијагностицирани 180 пациенти со нехочкинов лимфон, најмногу расте бројот на пациенти со акутна леукемија, чиј број во 2014 година изнесувал 50, минатата година – 91, а само до 30 јуни годинава има 50 новодијагностицирани. Меѓу симтомите за малигни хематолошки заболувања се замор, главоболки, чести инфекции, лесно крварење, лесна појава на модринки, појава на безболни зголемени лимфни јазли…
Д-р Пановска Ставридис рече дека раната дијагностика влијае на исходот на болеста. Посочи дека околу 60 отсто од пациентите кои ќе се дијаностицираат со акутна леукемија ќе бидат живи после пет години, со лимфом – 80 отсто од нив, а со хочкиновиот лимфон речиси 95 отсто ќе преживеат пет години.
– Една третина од пациентите со малигно хематолошко заболување нема да бидат живи после пет години. На Клиниката обезбедиме лекови за групи пациенти за кои досега немаше прволиниска терапија, воведовме нови методи со кои им овозможуваме во европски стандардизирани услови да се лекуваат во нашата земја. Првпат во државава пациентите со хронична миелоична леукемија минатата година ја добија и второлиниската терапија, додаде д-р Пановска Ставридис.
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека многу е направено, пред се, во сферата на хематолошките малигни заболувања, Клиниката за хематологија се реновираше, воведени се повеќе методи за кои пациентите се испраќаа во странство, а заедно со Фондот за здравствено осигурување се изработени и ДРГ кодовите.
Користејќи ги нашите експерти кои имаат големо искуство во третманот на одредени пациентите, со новите ДРГ кодови и новите лекови кои им беа дадени благодарение на зголемување на буџетот, појасни, се аплицираа методи за кои тие беа испраќани во странство, што беше огромен трошок и малтретирање на пациентите и нивните семејства.
– Го најдовме овој начин за кој сметам дека е многу автентичен дека треба да се инвестира таму каде што е најпотребно, каде што ги имаме врвните експерти да ги користиме сите други начини да ги намалиме трошоиците за лекување во странство. Спроведовме групна набавка на биолошка терапија односно ги обединивме сите буџети на сите јавни здравствени институции кои користеа ваква скапа биолошка терапија со која се лекуваат пациентите со малигни заболувања. Тоа ни овозможи триесет нови лекови за сите онколошки заболувања – за карцином на бели дробови, дојка, терапија за невролошки дегенеративни заболувања…кои ги немаше во земјата, а зголемен е бројот пациенти кои ќе ги примаат и има континуитет во лекувањето, рече Филипче.
Тој нагласи дека се надева оти во собраниска процедура ќе помине и измената на Законот за здравствено осигурување за да бидат подготвени да ја сменат и позитивната листа на лекови. Додаде дека овој начин на повеќегодишна набавка донел и огромна заштеда во милионски суми евра, за што за кратко време ќе ја информираат јавноста.
Претседателот на Здружението „Борка за секој нов ден”, Биба Додева рече дека раното откривање на ракот помага полесно да се третира, па дури и излекува. Посочи дека во државава првпат има голем број терапии кои досега не биле достапни за пациентите.
– Искрено се надевам дека системски ќе се реши проширувањето и измената на позитивната листа на лекови, додаде Додева.