Пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски по денешниот 2 и пол-часовен распит во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција изјави дека не била присутна кога се договарала трансакцијата од 720 илјади евра на бизнисменот Силјан Мицевски до Меѓународниот сојуз чиј претседател е осомничениот Бојан Јовановски познат како Боки 13.
Почесната претседателка на сојузот ги отфрли сите шпекулации за нејзина поврзаност со случајот „Рекет“.
Ременски не одговори на прашањето дали како почесен претседател на Меѓународниот сојуз била запознаена со плановите и стратегиите на невладината организација. По ова прашање пратеничката рече дека се што знае за случајот го кажала на распитот пред обвинителката Вилма Русковска.
Ременски во однос на нејзиното познанство со Бојан Јовановски осомничен за случајот „Рекет“ рече дека не станува збор за ништо посебно, туку се познавала исто како и со новинарите.
Претходно свои искази во Обвинителството за организиран криминал и корупција дадоа обвинителите од СЈО, Стефанова, Рустеми и Јосифовска, како и водителката Лила Филиповска, бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски.
Мицевски пред Обвинителството изјави дека пари префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз, а не на сметка на пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за 720 илјади евра кои, како што рече, ќе бара да му бидат вратени.
Водителката Лила Филиповска на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао друштво“.
Амзоски на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13 уплатил околу 260.000 евра за стратешко партнерство и деловна соработка.
Во врска со „Рекет“ осомничени и во притвор се Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.