Само пред нешто повеќе од две години, мојата земја беше извор на загриженост кај повеќето сојузници во НАТО и Европската Унија. Се боревеме со тешка политичка криза, со пад на демократијата, значителен пад во слободата на медиумите, па дури и со агресивна политичка конфронтација. Сепак, потребна беше нова влада, огромна политичка одлучност, храброст и способност за донесување одлуки за да се променат работите, и да се очекуваат добри вест на самитот во Лондон, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на панелот насловен „Што следува? – поглед на евроатлантската безбедност, 70 години по Вашингтонскиот договор“, што се одржа во рамки на Бледскиот стратегиски форум.
Со решен спор со Грција, добри односи со Бугарија, пробив во зацврстувањето на демократијата и слободата на медиумите, денеска, како што посочи таа, имаме четирикратно зголемени странски инвестиции и 50 000 нови работни места, имаме успешен пример.
– НАТО го верификуваше нашиот напредок и ја испрати пораката дека ги поддржува добрососедските односи, решавањето на регионалните прашања и промовирањето на стабилноста преку подобрување на политичките односи меѓу двете земји. Затоа, мислам дека ова беше вин-вин ситуација, и за Северна Македонија, но и за НАТО. И не мислам дека е случајно што толку многу земји брзо го ратификува договорот. Добрата вест е што изгледа дека земјите-членки на ЕУ се подготвени да ја следат истата агенда и да ги наградат сигналите за напредок на Балканот, рече Шекеринска.
Од особена важност, како што посочи министерката Шекеринска, е кога има резултати и напредок, да има и брза реакција.
– Навистина мислам дека дојде време кога може да кажеме дека покажавме многу брзо закрепнување, многу брзо резултати, но, исто така, дојде и времето ЕУ да покаже дека брзото закрепнување и брзиот напредок резултира со донесување брзи одлуки. Октомври е важен и за нас и за Унијата, нагласи Шекеринска.
На панелот што го отвори словенечкиот министер за одбрана, Карл Ерјавец, зборуваше и заменик генералниот секретар за заедничка безбедносна и одбранбена политика на Унијата Педро Серано кој рече дека позицијата на ЕУ е да се посвети на иднина во која Балканот е дел од ЕУ.
– Вашата земја е посветена. Од наш аспект, нема сигурна и стабилна Европа додека овој процес не заврши. Процесот на интеграција на Западен Балкан е во тек, рече Серано.
Бледскиот стратешки форум секоја година е местото каде што се среќаваат влијателни светски и европски политичари и државници. Форумот претставува една од водечките меѓународни конференции во Централна и Југоисточна Европа.